Која боја ти е образот?

    0 202

    Никогаш народот не бил толку поделен, партизиран и политизиран како денес. Тоа е нашата реалност. Борба за опстанок. Борба во која бојата на образот победува! Ех, нашата чудесна црвено-плава Македонија.

    Како дозволивме да стигнеме до ова дереџе?

    Од една страна црвените кои пола Македонија ја пикнаа во Скопје да живее и работи во државни институции, додека другата половина која навреме ја предвиде државната катаклизма си замина далеку одовде под рака со блгарскиот им пасош! Се утепаа од (к)градење, секое можно дрвце го исекоа, секоја тревна површина ја ископаа. Фонтани, фасади, фолиранти! Остај друго, со новиве македонски серии само реалноста ни ја трљаат од нос, демек незнаеме ние што се случува околу нас. Да, вие сте криви што ги поддржавте, затоа што додека тие ги полнеа џебовите и банкарските сметки со милиони, вие ги земавте сувите корки кои ви ги фрлаа како на кучиња. Жалам за споредбата, но тоа ни е горката вистина.

    Затоа сега работите рамо до рамо со полуписмени сонародници со купени дипломи, земате просечна плата и се плашите за работното место. ~ Што ќе си посееш , тоа ќе си жнееш.

    Од друга страна се плавите кои гордо ја освоија власта шарајќи го градот во боите на виножитото. Да ве прашам вам нешто: “Вие боевте за подобро утре или за фотеља која откако дојдовте на тронот гордо ќе ја испразните и удобно ќе се сместите во неа?” Ако така идат работите, тогаш ниту вие не сте подобри од првите. Нешто не ми е јасно, вие протестиравте за промена на работите во државата или за да добиете работа? Сите кои беа гласни и страстни еве ги на слики како шетаат наоколу костумирани и гордо шират политичка пропаганда. На крајот испаѓа дека секој се бори за својата корка леб. Можеби токму тоа и заслужувате. Во тој случај на здравје нека ви е!

    Нас во школо не учеа дека знаењето е најмоќното оружје во светот, но не и во Македонија, тука партиската книшка владее, гази, убива!

    Се додека партијата го врти светот, вашиот свет, не идеме никаде. Ќе тапкаме во место и ќе ги газиме оние другите, се додека повторно не дојдат тие на власт … и така во еден маѓепсан круг. Разбудете се, додека не е прекасно! Се цени наука, знаење, искуство, квалитет, резултати, а не која боја ти е образот!

    Но никогаш не е доцна. Ако веќе решиш да останеш доследен на некој, остани доследен на себеси.

    Не го бои ГАЗОТ, упс пардон ОБРАЗОТ. Биди свој, биди НЕКОЈ!

    Нема коментари

    Остави реплика