Честито 25 години независност

    0 409

    Какви сме, такви сме, за нигде сме, тие сме. Денес славиме 25 години независност на нашата мила земја, мајка Македонија. Точно четврт век откако во 1991 година на овој датум се одржал референдумот во Македонија со кој државата ја означува својата сувереност, независност и самостојност.

    Од држава која била дел од една од најјаките сили во светот – Југославија, стигнавме до таму да молиме за место во Европска Унија. Од весела нација, до државна рација. Од квалитетно образован народ, до неписмен државен прерод.

    Државата се презадолжува и брзо ита кон банкрот. Младите се стимулираат за трето дете, а платите им се 12.000 денари. Тие на позиција и функција си ги вработија од најблиските до кај 4то колено роднини, каде знаат и умеат. Учители, наставници, професори со „сомнителни“ дипломи ги земаат местата на оние кои за жал се без „златната карта“ (читај партиска книшка) за добивање решение. Ај што неписмени ни ги учат децата, ама и неуки доктори не лекуваат. Патувања и обуки со државни пари на незаслужни, меѓународни претставници без основно познавање на англиски јазик, поплави и непогоди поради несовесно потрошени буџетски пари … И да не заборавиме, иако државен празник, денес некои фирми нормално си работат. Во оваа држава, богами им се може.

    Ќе речете се негативно зборуваме. Не драги мои, тоа е реалноста, тоа е вистината. Сакале или не мора со неа да се соочиме. Оставете ние како генерација што не успеавме, туку што ќе им оставиме на нашите деца и внуци освен долгови, сиромаштија, корупција и споменици?

    Секој е одговорен за своите постапки во животот. Затоа за наше добро и за доброто на иднината на оваа земја, дајте да бидеме поодговорни. Денес да наздравиме со чашка ракија за празникот а веќе од утре да се фатиме за работа. За иднината се работи.

    Нека ни е честит празникот!

    Нема коментари

    Остави реплика